Дополнителни 140 милиони денари за развој на македонските села
Со дополнително обезбедените 140 милиони денари кои до крајот на оваа година преку проекти треба да ги потрошат руралните општини ќе се подобри квалитетот на живот во македонските села. Како тече реализацијата на два проекти вредни 22 милиони денари во општина Чешиново Облешево денеска проверуваше заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадиновски. Посетата на општината ја искористи и за средба со земјоделците од кочанскиот регион...

Програмата за рурален развој ги развива малите општини. Се поправа и гради нова инфраструктура, се подобруваат условите за живот. Чешиново Облешево е општина за пример. Селото Жиганци доби нов мост а во Кучичино привршува реализацијата на проект вреден 250 илјади евра за изградба на фекална канализација .
„Од севкупно планираната 7,5 километри канализациона мрежа, 85% од работите се реализирани и очекувам за месец месециполовина да биде завршена изградбата на целата канализационата мрежа“, рече Ванчо Костадиновски, заменик министер за земјоделство шумарство и водостопанство.
Заедничка констатција на заменикот министер Костадиновски и градоначалникот Личков е дека со дополнително обезбедените 140 милиони денари ќе се подобрат условите за живот на село а тоа пак дирекно ќе придонесе да се зголемува бројот на жители во руралните средини каде земјоделието е основна егзистенција за многумина.
Земјоделците од кочанско и овојпат не ја пропуштија можноста да побараат дополнителна финансиска помош за оризот кој поради временските услови велат е во лоша состојба.
„Неможеме да жнееме ништо. Еве сакаме да го поведеме заменик министерот да види во која катастрофа сме ние“, вели Стефан Јанев, индивидуален земјоделец.
„Да видиме што може како Влада на Република Македонија да им излеземе во пресрет на земјоделците покрај редовните програмски активности кои ги има министерството за земјоделство“, рече Костадиновски.
Оризот е главна земјоделска култура во кочанскиот регион, застапен е на околу 3000 хектари. Земјоделците најчесто се регистрирани како индивидуални па и тиа паралелно со локалната власт користат финансиски средства од Програмата за рурален развој.
Дијана Иванова
