Продолжуваат разговорите за крај на војната во Украина
Мирот зависи од условите поставени од светот, а не од заканите на Москва, став на украинскиот претседател. Изјавата следува откако шефот на Кремљ изјави дека сегашното раководство на Украина е нелегитимно и повтори дека ќе ги прекине борбите само ако украинските трупи се повлечат од територијата што ја бара Русија. Двете страни и изминатото деноноќие ги продолжија нападите со беспилотни летала…

Украинска и американска делегација ќе одржат средби до крајот на неделата со цел да ја продлабочат т.н. „формула за мир“, за која првично се разговараше на состаноците во Женева. Фокусот е на долгорочните безбедносни гаранции за Украина. Мирот зависи од условите поставени од светот, а не од заканите на Москва, став на украинскиот претседател. Русија ги отфрла напорите за вистинско завршување на војната, вели Зеленски.
„Руската војна продолжува и сите слушаме дека ги презира напорите на клучните глобални сили навистина да ја завршат војната со траен мир. Но, дали ќе има мир не зависи од заканите на Русија или од какви било ултиматуми што ги искажува. Зависи од условите што светот ги обезбедува за да не може да продолжи оваа агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Потпишување на каков било договор со сегашното раководство во Украина е бесмислено бидејќи мандатот на Зеленски е истечен, на земјата и требаат избори, став на шефот на Кремљ. За мировните преговори, Путин вели дека се добар почеток и го повтори, Русија ќе ги прекине борбите само ако украинските трупи се повлечат од територијата што ја бара Москва. Кремљ претходно побара Украина целосно да се повлече од Донбас. Рускиот лидер уверува, нема да ја нападне Европа.
„Генерално, гледаме дека американската страна ја зема предвид позицијата што ја дискутиравме пред Анкориџ и по Алјаска. Апсолутно мора да седнеме заедно и сериозно да разговараме за специфичните прашања. Мораме се да формулираме дипломатски, бидејќи да се каже „Русија нема да ја нападне Европа“ е една работа што ни звучи апсурдно. Никогаш не сме сакале, но ако сакаат да го чујат тоа од нас, тогаш само ќе го ставиме во писмена форма, нема проблем. Можеби тоа има смисла, бидејќи сите сакаме да разговараме и да дискутираме за работите и да разјасниме некои точки во врска со паневропската безбедност“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Во меѓувреме, францускиот претседател Макрон во го претстави новиот национален план за воена служба, во време кога земјата се стреми да ги зајакне вооружените сили за да се справи со растечката загриженост од заканата од Русија за европските земји по војната во Украина.
„Не можеме да се вратиме во времето на регрутација. Но, ни е потребна мобилизација. Мобилизација на нацијата за да се одбрани. Не против некој конкретен непријател, туку да биде подготвена и да биде почитувана“, нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.
Следната недела се очекува претставници на САД да пристигнат во Москва за разговори за можен крај на војната што трае повеќе од три и пол години. Се очекува дискусиите да опфатат и безбедносни гаранции за Украина и Европа.
Маријана Димовска
