Украина

Различни стратегии за крај на војната во Украина

28.11.2025 17:20

Светот мора да се осигури дека Русија нема повторно да нападне, став на Европската унија. Украински и американски тимови ќе дискутираат за безбедносните гаранции час поскоро, велат од Киев. Според Зеленски, мирот зависи од условите поставени од светот, а не од заканите на Москва. Изјавата следува откако Путин повтори дека ќе ги прекине борбите само ако украинските трупи се повлечат од Донбас.

Во светот има агресори кои имаат апетити за територијата на соседите, планот за крај на војната во Украина треба да гарантира дека Русија нема повторно да нападне, став на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

„Мора да се осигураме дека овој план не е за Русија да може полесно повторно да нападне, туку план каде што би било невозможно Русија повторно да нападне. Ако признаеме дека Русија добива територии, а особено територии што дури и не ги освоила воено за време на оваа четиригодишна војна, тогаш со сигурност ќе имаме повеќе војни во светот“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Формулата за мир и долгорочните безбедносните гаранции се темите за кои украинската и американската делегација ќе дискутираат час поскоро, велат од украинското МНР.

„Дали ќе има мир не зависи од заканите на Русија или од какви било ултиматуми што ги искажува. Зависи од условите што светот ги обезбедува за да не може да продолжи оваа агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Следната недела се очекува претставници на САД да пристигнат во Москва. За мировните преговори, рускиот претседател вели дека се добар почеток, но повтори дека борбите ќе запрат ако Украина целосно да се повлече од Донбас. Путин уверува, нема да ја нападне Европа! Кремљ го оспорува легитимитетот на Зеленски.

„Зеленски навистина има проблеми со легитимитетот поради неговата неподготвеност да одржи избори и всушност да се придржува до Уставот. Но, од друга, секој има желба и преференции работите да се вратат во мирен тек“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

И додека се дискутира за мир, војната продолжува, а во Киев се проширува истрагата за корупција во енергетскиот сектор. Претреси и во домот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател.

 

Маријана Димовска