Свет

Пожарот во станбените облакодери во Хонг Конг ставен под контрола, расте црниот биланс

28.11.2025 12:56

Пожарот во станбените облакодери во Хонгконг е ставен под контрола. Црниот биланс се менува од час на час. Над сто лица загинаа, десетици се повредени и исто толку се водат за исчезнати. Покрената е истрага за корупција која ќе ја води независна комисија. Според првичните информации, стиропорот поставен однадвор на прозорците предизвикал брзо ширење на огнената стихија.

Расте бројот на загинати во пожарот што избувна во станбените облакодери во Хонгконг. Пожарот, кој е целосно изгаснат одзеде над 100 животи, остави најмалку 79 повредени, додека десетици луѓе се водат за исчезнати. Властите соопштија дека неколку тела сè уште се наоѓаат во објектите. Во операцијата за гаснење и спасување биле мобилизирани 391 противпожарно возило, 188 амбулантни возила и над 2.000 пожарникари, при што 12 припадници на службата се здобиле со повреди.

„Има 128 починати лица, вклучувајќи ги 108-те тела што беа извадени од местото на настанот и четворица што починаа во болница, а имаме и 16 изгорени тела кои сè уште се во зградата. Некои од починатите сè уште не можеме целосно да ги идентификуваме“, Крис Танг, секретар за безбедност на Хонгконг.

Извршена e проверка на противпожарните аларми во сите осум блока, утврдено e дека тие не работеле ефективно. Брзото ширење на пожарот, надлежните лица го препишуваат на стиропорот поставен надвор од прозорците на станбените блокови. Во меѓувреме, истрагата за корупција, која беше покрената по апсењето на три лица одговорни за реновирање во комплексот, ќе ја води независната комисија против корупција на Хонгконг. Полицијата од денеска почнува со собирање докази, а истрагата се очекува да трае три до четири недели.

„Ќе доделиме итен грант од 10.000 хонгконшки долари на секое засегнато домаќинство за да обезбедиме итна помош. Ќе формирам три работни групи-првата за истрага и регулирање, втората за итна поддршка и донации и третата работна група за аранжмани за итно сместување“, Џон Ли Ка-чиу, извршен директор на специјалниот административен регион Хонгконг.

Ова е еден од најразорните пожари класифициран како тревога од петто ниво што го погоди градот во изминатите 17 години.

Катерина Бојаџиева