Благоја Љамчевски – човекот кој го носеше фудбалот во душата
Љамчевски зад себе остава трага што ретко кој ја остава во македонскиот фудбал. Трофејна кариера во која освои: 3 шампионски титули, 2 куп-трофеи, 1 Суперкуп и беше дел од генерациите што испишуваа историја.

По дваесет години професионален фудбал, капитенот на ФК Пелистер, Благоја Љамчевски, ја завршува својата блескава играчка кариера – таму каде што сè започна, во неговиот матичен клуб, клубот на срцето, ФК Пелистер.
Љамчевски зад себе остава трага што ретко кој ја остава во македонскиот фудбал. Трофејна кариера во која освои: 3 шампионски титули, 2 куп-трофеи, 1 Суперкуп и беше дел од генерациите што испишуваа историја.
Како еден од клучните фудбалери, имаше огромен придонес во враќањето на Тиквеш во ПМФЛ по цели 20 години, а неговите настапи во европските квалификации за Лига Европа и Лига на шампиони оставија силен печат. Особено се памети неговиот погодок против АПОЕЛ, во дресот на Вардар, во момент кога клубот беше пред историски исчекор во најелитното европско натпреварување.
Во текот на кариерата настапуваше за: Ѓорче Петров, Работнички, Победа, Шкупи, Тиквеш, Металург, Вардар, и секако – Пелистер, симболично враќајќи се таму каде што припаѓа.
Утре во 12:30 часот, како миленик на јавноста во Битола и како фудбалер што остави длабок белег кај навивачите, ќе биде свечено поздравен на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, пред натпреварот против Македонија Ѓ. Петров.
Завршува една кариера што заслужува длабока почит. Но започнува нова етапа во клубот, каде што Љамчевски ќе продолжи да го пренесува своето искуство и љубов кон фудбалот.
Му посакуваме искрена среќа и успех во новата улога на Благоја Љамчевски – име што ќе остане запишано со големи букви во македонскиот фудбал.
