НАТО нема друга опција, освен одлучно да одговори на предизвиците
Македонија и на овој самит ќе биде во улога на земја- кандидат која ги исполни критериумите за влез и ќе добие покана штом се затвори проблемот со Грција. Ја претставуваат шефот на дипломатијата Никола Попоски и министерот за одбрана Зоран Јолевски. Ќе се обратат на неколку сесии...

Во услови на крајна напнатост во односите со Русија, поради кризата во Украина и растечкиот екстремизам, НАТО на овој самит нема друга опција освен да повлече потези со кои одлучно ќе одговори на предизвиците.
Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен, пред заминување од функцијата рече дека собирот доаѓа во време на променет свет и го нарече клучен. Акциски план за поголема безбедност на членките е една од темите меѓу кои е и иднината на мислијата во Авганистан.
Нов статус за односите со Алијансата треба да добијат Грузија, Австралија, Јордан, Шведска и Финска. Властите во Тбилиси најавија и дека ќе бараат покана за членство. Но, веќе од порано е познато дека проширувањето нема да биде на дневен ред.
Македонија и на овој самит ќе биде во улога на земја- кандидат која ги исполни критериумите за влез и ќе добие покана штом се затвори проблемот со Грција. Ја претставуваат шефот на дипломатијата Никола Попоски и министерот за одбрана Зоран Јолевски. Ќе се обратат на неколку сесии. Се очекува да го истакнат придонесот на нашите војници во мировните операции на НАТО и да акцентираат дека самитот во Велс е можност да се демонстрира взаемна солидарност меѓу земјите членки и кандидатите за членство. Македонија во повеќе наврати ги уверуваше сојузниците дека членството останува приоритет.
Самитот во Велс се одржува денеска и утре под будно око на десеттина илјади полицајци. Освен 28-те членки кои се претставени на највисоко ниво, овде се и претседатели и премиери или министри на 60-те земји партнери на Алијансата.
Душко Арсовски, специјален известувач од Кардиф за МРТ
