Сведочење за финансиски неправилности на Онкологија
Денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешниот медицински директор Нино Васев и економскиот директор Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера. Се товарат дека незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра.

Одржано ново рочиште во случајот „Онкологија 2“, во кој првообвинет е поранешниот медицински директор на клиниката, Нино Васев и поранешниот финансиски директор Нехад Нухи.
Сведок на обвинителството беше Снежана Цветковска, вработена како раководител на Одделението за финансиско сметководство и шалтерско работење.
Таа пред судот сведочеше дека на почетокот на односот со поранешниот медицински директор Васев, соработката била сосема коректна, но со текот на времето, а особено на почетокот на 2020-та година, тој однос се заладил. Таа сведочеше и дека одбиени биле и нејзините заложби за соработка со финансискиот директор Нухи.
Состојбата, според нејзиното сведочење, кулминирала на почетокот на 2020-та година, кога таа се разболела од корона вирусот и заминала на тринеделно боледување. По враќањето, таа сведочеше дека ингеренциите и биле де факто одземени, иако де јуре, односно на писмено не добила ништо.
За овој проблем, Цветковска два пати се обратила писмено, преку архивата на Клиниката. Според бранителот на првообвинетиот Васев, Боби Спирковски, обвинителството вршело злоупотреба на докази, а Цветковска имала судир на интереси.
Васев и Нухи се обвинети за злоупотреба, проневера и измама во службата во периодот од 2018-та до 2020-та година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за близу 36 милиони евра.
Марија Котовска
