„Црн петок“ во Македонија, граѓаните незадоволни од попустите
„Црн петок“ во Македонија - ова е денот кога голем дел од граѓаните очекуваат пониски цени во продажните места. Но, дали и колку се намалени?

Зголемена раздвиженост во трговските центри. Продавниците ја отворија вратата пред вообичаеното работно време, а потрошувачите од рано ги наполнија торбите.
Бела техника, електронски уреди, облека, козметика се производите кои најмногу се купуваат на „Црн петок“. Според трговците попустите се и до 70 насто, а за потрошувачите оваа акција е маркетиншки трик. Последниве години за да се избегне метежот, купуваат и електронски.
Државниот пазарен инспекторат на терен со засилени инспекциски контроли на територијата на цела држава. Апелираат, трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски. Целта е да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики.
„Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од државниот пазарен инспекторат во согласност со законите. Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“, велат од ДПИ.
Последната недела од минатата година за времетраењето на акцијата „Црн петок“ нашите граѓани потрошиле околу 150 милиони евра, но не само во продавници каде важела акцијата туку во сите од малопродажниот сектор преку фискални сметки вклучувајќи ресторани, супермаркети, бензински, продавници за облека, бела техника, аптеки.
Александра Велинова
