пензии

Се чека Уставниот суд дали ќе го укине линеарното зголемување на пензиите

28.11.2025 20:25

По демантот од Уставниот суд дека сè уште нема одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите, премиерот вели-дај боже да грешам. Мицкоски открива дека таква информација стигнала до него. Од пензионерските здруженија не се согласуваат за промена на мерката.

Мицкоски наспроти информациите на Уставен, тврди оти судија известител веќе ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на пензиите. Првиот човек на Владата вели дека целта на оваа мерка била да го зголеми животниот стандард на над 300.000 пензионери во државата, а сега некој како што рече свесно прави хаос.

Од Иницијативата на пензионери во разговор со МТВ велат дека не се согласуваат мерката за линеарно зголемување да биде укината. Од опозициската партија обвинија дека за хаосот со пензиите единствена вина има владата на Мицкоски, која до Собранието доставила закон кој е неуставен. Од СДСМ тврдат дека веќе има и пензионери што ја тужат државата.

„Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите, а немаше да ја доведе под прашање одржливоста на фондот каде дупката е над 1 милијарда евра. Дополнително, ДПМНЕ исклучи 12.000 пензионери од усогласувањата и зголемувањата на пензиите согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во меѓувреме има одлука на Комисијата за заштита од дискриминација, која потврдува дека е сторена дискриминација“, стои во соопштението од СДСМ.

Од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување известија дека исплатата на пензиите се одвива нормално и веќе на први декември пензионерите ќе ја добијат ноемвриската пензија. За што ќе се исплатат над 9 милијарди денари.

„Фондот на ПИОМ во координација со Владата исплатата ја врши секој први во месецот и истото ќе продолжи да го прави и во 2026 година. За наредната година владата во буџетот ќе обезбеди речиси 151 милијарда денари за исплата на покачените пензии, здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци за трите пензиски друштва од вториот столб“, стои во соопштението од ПИОМ.

Фондот на ПИОМ, исто така, информира дека вкупните средства за исплата на пензиите со усогласувањата, наредната година ќе бидат повисоки за 30 милијарди денари.

 

Викторија Милевска