ијз

Позитивни резултати од мострите за труењето во скопското училиште

28.11.2025 17:42

Две нови дечиња со мачнини примени во болница по труењето во училиштето „Димо Хаџи Димов“. Неколку заминаа дома, па сега се хоспитализирани четири. Сите се во стабилна состојба. По анализите, во мусаката e пронајден ентеробактер, фекална бактерија што ја имало и на чешмите. Земените мостри укажуваат на нехигиена во просториите. Од брисовите – кај вработена утврдена стафилокока, кај едно дете пронајден норовирус.

Мусаката што за ручек им била сервирана на основците од „Дими Хаџи Димов“ била заразена со ентеробактер, бактерија која манифестира клиничка слика каква имале децата кои побарале лекарска помош – дијареја, повраќање, стомачни тегоби, информираше Институтот за јавно здравје. Истата бактерија е пронајдена и на чешми во училиштето.

Бидејќи не сите деца со симптоми на труење ручале во училишната менза, надлежните се сомневаат дека се инфицирале во контактот со чешмите. Микробиолошките анализи на водата, покажале дека таа е безбедна за пиење. И додека надлежните утврдуваат што е причина за масовното труење, и премиерот Мицкоски со апел, случајот да добие разврска. И неговиот помал син беше меѓу децата што се пожалија на тегоби.

Од Институтот информираа и дека кај вработена во училиштето е пронајдена стафилокока, а кај едно од децата утврдени норовирус. На Детската клиника беа хоспитализирани седум ученици. Тројца се пуштени на домашно лекување, четворица остануваат под лекарски надзор.

 

Наташа Јанчиќ - Менковски