Екологија

Повторно се чистат дивите депонии во Куманово

29.11.2025 11:11

Куманово сè уште нема решение за дивите депонии. Комуналното претпријатие постојано ги чисти, но несовесни граѓани загадуваат. Лоцирани се дваесетина …

Нема решение за дивите депонии. Кумановското јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ повторно со акции за чистење. Лоцирани се дваесетина депонии низ поширокото централно подрачје. Се чисти неколкупати во годината, но несовесни граѓани, вообичаено оние кои вршат превоз со мотокултиватори, изнесуваат различен отпад и шут. Апелите засега не даваат резултати. Новоназначениот директор се надева на системско решение, соработката со институциите.

„Апел до граѓаните да се воздржат од фрлање на отпад на секоја локација, мора да ја подобриме соработката со комунална инспекција, секаде кај што ќе се констатира несоодветно фрлање на отпад, мора да постојат ригорозни санкции, казни за тие граѓани“, истакна Сашо Томиќ, в.д директор ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

Од комуналното претпријатие најавија во наредниот период ќе се чисти на сите локации кај што се евидентирани депонии.

За чистење на дивите депонии од општинскиот буџет годинава ќе се одвојат пет милиони денари.

Лицата коишто вршат превоз со мотокултиватори имаат можност отпадот да го достават по повластена цена на депонијата Краста. Но веројатно поради трошоците за да стигнат до истата, отпадот го одлагаат кај што ќе стигнат.

Елена Георгиевска