Хотелско-угостителскиот сектор се прилагодува на енергетската транзиција
Инвестирајќи во ефикасни технологии и чиста енергија, хотелско-угостителскиот сектор се прилагодува на енергетската транзиција. Ова носи економски бенефит, но и придонес кон заштита на природата, особено во Охрид, град под заштита на УНЕСКО …

Енергетската транзиција е во фокусот на хотелско-угостителскиот сектор. Последниве години, кога трошоците за енергија растат, а одржливоста е неминовна, современите објекти се стремат кон помала потрошувачка, поголема ефикасност и одржливи стандарди.
Ова е особено важно за Охрид, каде заштитата на животната средина треба да биде приоритет.
„Имаме околу 300 сончеви денови и тоа треба максимално да го искористиме, затоа што цените на струјата не знаеме, некогаш се прескапува, некогаш паѓа и така. Значи, за една стабилност која треба да ја добиеме, треба да поставиме многу повеќе соларни централи на овие простори. Исто така се нудат топлински пумпи“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
За разлика од минатото, кога единствена опција беше „клуч на врата“, денес енергетската ефикасност им овозможува на голем број хотели на брегот на Охридското Езеро да работат и во текот на зимскиот период.
„Станува збор за грантови од европските фондови кои допринесуваат баш за тие компании што ќе се одлучат да направат таква инвестиција, која понатаму би го намалила загадувањето што го спомнавте. Од тоа намалување бенефит би имале сите – и компаниите, и граѓаните ширум светот. Намалување на загаденоста“, додава Блажески.
Европските фондови нудат грантови за инвестиции во зелени технологии, а анализите покажуваат дека меѓународните туристи во потрага по „зелени“ дестинации, подготвени се да платат и повеќе.
Соња Рилковска
