„Стрежево“

Дождовите ја полнат акумулацијата „Стрежево“

29.11.2025 17:07

По долгото и сушно лето, невообичаено големи количини дожд во Пелагонискиот регион за месец ноември. Од почетокот на последниот влажен бран, во „Стрежево“ собрани се околу 15 милиони метри кубни вода. Максималниот капацитет на акумулацијата е над 110 милион метри кубни, а моментално акумулирани се 50 милиони. Од управата велат, повеќе од 10 години не се случило во месец ноември да падне толку голема количина на вода, речиси една третина од годишниот просек за врнежи во Битола. Иако врнежите сè уште траат, моментално состојбата е водотеците е стабилна, но никогаш не се знае што може да донесат временските прилики …

Влажниот бран и обилните дождови кои минатата недела ја зафатија Пелагонија, но и моменталните повремени врнежи, интензивно ја полнат акумулацијата „Стрежево“, со која стопанисува истоименото битолско јавно претпријатие.

600-тини литри воден талог е годишниот просек на врнежи за Битола. Во месец ноември наврнаа 213 литри на метар квадратен, што претставува една третина од просечните годишни врнежи, или за 6 пати повеќе споредбено со ноември минатата година. Овие врнежи го зголемија нивото на акумулацијата „Стрежево“ за 15 милион метри кубни вода. Моментално акумулирани се повеќе од 40% од максималниот капацитет.

Покрај примарната дејност собирање, обработка и снабдување со вода, една од функциите на „Стрежево“ е и заштита од поплави. Водостојот во реките е намален и стабилен, но дождовите не престануваат, земјата е презаситена и се понеизвесно е што ќе донесат климатските промени.

Ако се земе во предвид моменталната хидролошка состојба и тоа има уште неколку месеци до главното полнење, од „Стрежево“ се оптимисти дека покрај водоснабдувањето на градот, РЕК и позначајните индустриски објекти, ќе има и стабилна наводнувачка сезона.

Александра Максимовска