воен конфликт

Русија со нов масовен напад со ракети и дронови, оставка на човекот од доверба на Зеленски

29.11.2025 12:01

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател и негов најблизок советник, Андриј Јермак, поднесе оставка. Од Националното биро за борба против корупцијата извршен претрес во неговите простории. Тој пак револтиран од постапката, замина на фронтот. Русија со нов масовен напад со ракети и со дронови...

Киев одново на удар со руски хиперсонични ракети и дронови. Нападнати се станбени згради, има жртви и повредени, предизвикана е голема материјална штета. Делови од градот останаа без електрична енергија. Воената администрација ги повика жителите да останат во засолништата. Поради две беспилотни летала над северна Молдавија синоќа, целиот воздушен простор на земјата беше привремено затворен.

„Помеѓу вториот и третиот кат, летало Шахед ја удри зградата. Вкупно 8 куќи се оштетени, околу 300 прозорци се скршени. 20 автомобили се оштетени“, изјави Георгиј Зантараја, раководител на државната администрација на Свјатошинскиот округ.

„Се разбудив и видов дека стаклото ни паѓа. Куќата гореше. Спасувачите изнесоа дете и жена, таа беше во несвест. Сите беа исплашени“.

И Украина изврши напади со дронови врз неколку руски региони. Пожар избувна во нафтен објект во Краснодар и во цивилни објекти во регионот Ростов. Додека војната продолжува со несмалено темпо, Русите не се оптимисти дека воените дејствија ќе завршат до Нова година.

„Очекуваме глобалната ситуација да се промени. Тоа е, ситуацијата меѓу Русија и Украина да се подобри и промени. Границите ќе се отворат, патувањето и визите ќе станат полесни. Тоа е она што ги предизвикува проблемите сега“.

„Имаме едно нешто да подобриме за народот на Русија – да ја завршиме специјалната воена операција, сите да се вратат дома и да живееме среќно засекогаш со нашите семејства“.

„Чекаме мир, се да биде во ред, да заврши оваа војна“.

Во екот на дипломатските напори за мир во Украина, земјата се соочува со голема корупциска афера во енергетскиот сектор тешка 100 милиони долари. Шефот на кабинетот на Зеленски и негов најблизок советник, Јермак, поднесе оставка, само неколку часа откако Националното биро за борба против корупцијата изврши претрес во просториите на човекот кој важеше за клучен играч во домашната и надворешната политика на Украина.

„Преговорите ќе се одржат наскоро, а наши претставници ќе бидат началникот на Генералштабот, претставници на Министерството за надворешни работи, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана и нашите разузнавачки служби. И кога сите се соочуваме со таков надворешен предизвик – војна – мора да бидеме силни внатрешно. Сто проценти од нашата сила ќе биде фокусирана на одбраната на Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Се очекува следната недела специјалниот пратеник Виткоф во Москва да ги дискутира точките од планот, утврдени на состанокот во Женева. Од Кремљ велат дека понуденото во планот на САД е добра основа, но за вистински крај на воените операции потребно е украинските сили целосно да се повлечат од Донбас.

 

Маријана Димовска