Партии

Партиски обвинувања за пензискиот систем

29.11.2025 15:34

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека пензискиот систем се наоѓа во состојба на длабока финансиска нестабилност, која, според него, е директно предизвикана од лошите, непромислени и манипулативни политики на владата. Од ВМРО-ДПМНЕ со реакција – продолжената рака на Заев, Филипче, заборава дека тие на пензионерите им даваа симболична сума од стотина денари...

Дупката од една милијарда евра во Пензискиот фонд се должи на лошите владини политики обвинуваат социјалдемократите. Според нив, ако се следел веќе воспоставениот модел на зголемување на пензиите со зголемувањето на минималната плата и инфлацијата, над 90 насто од пензионерите ќе добиеле покачување од 1.000 денари. Филипче прашува дали воопшто ќе има средства за пензии за сегашните работници, бидејќи наместо пензиите да ги обезбеди пензискиот фонд над 50 насто ги субвенционира државата.

Продолжената рака и верната сенка на Зоран Заев, Венко Филипче се јави, бил загрижен за стандардот на граѓаните, како и за пензионерите, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, Владата предводена од другарот на Филипче, Заев, не само што не се грижеше за пензионерите, туку со сумата која им ја даваше ги понижуваше.

„СДС е само олицетворение за понижување, партија која никому не даваше повисоки примања, партија која шири лаги и дезинформации, партија на која апсолутно не и грижа за никому и за ништо во државата. Нешто што Филипче може да направи за доброто на сите е да собере сила и да замине од СДС“ - стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Уставниот суд соопшти дека нема конечна одлука за линеарното зголемување на пензиите. Премиерот Мицкоски пак тврди дека судијата-известител веќе ставил потпис на конечниот извештај, со кој се укинува линеарното зголемување на пензиите.

 

Александра Велинова