Скопје

Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е безбедна за пиење и не е причина за заразата кај децата, покажале хемиските и микробиолошките анализи во ИЈЗ

29.11.2025 16:09

Хемиските и микробиолошките анализи на водата земена од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се во рамките на референтните вредности. Тешки метали во мострите не се пронајдени. Институтот за јавноздравје ги соопшти конечните резултати од анализата. Хоспитализираните ученици од труењето се во стабилна состојба....

Водата во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“ е безбедна за пиење и не е причина за заразата кај децата – покажале хемиските и микробиолошките анализи во Институтот за јавно здравје. Фекалните бактерии се детектирани во мусаката, чешмите и работните површини во кујната и во училиштето.

„Физичко хемиските анализи и микробиолошките анализи на водата земени од ОУ „Димо Хаџи Димов“ се во рамките на референтните вредности. Тешки метали во мострите од вода не се пронајдени. Како што претходно известивме за резултатите од мострите од храна и работни површини, најдени се фекални бактерии во мусаката и на неколку површини од брисеви од кујната и површини од училиштето кои укажуваат на нехигиена во кујната и во училиштето“, изјави Марија Андоновска – директорка на Институтот за јавно здравје.

Директорката на „Димо Хаџи Димов“ вели дека никогаш досега од Државниот санитарен и здравствен инспекторат не добиле забелешка за нехигиена. Кујната е посебен објект, а институциите проверуваат дали фекалните бактерии се пренесени од таму. Училиштето е дезинфицирано, нема прекин во наставата.

„Во водата и се што беше земено немаше најдено бактерии. На тие две чешми што ги споменуваат како нехигиена објаснија и нам ни објаснија стручни лица дека можно е биде пренесена од допир на самата славина. Сепак кај нас во секоја училница децата имаат чешми, тука мијат раце, тука појат вода, тоа се чисти постојано но во таквите моменти се случило и можно е да се пренесе“, изјави Лела Николоска, директорка на основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

Со кујната работи приватен оператор, таа останува затворена. Но, кога повторно ќе се служи топол оброк за основците од целодневна настава засега не се знае.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги чека резултатите од анализите на мострите од храна, работните површини, приборот и опремата на кујната. Од тоа ќе зависи и какви мерки ќе бидат преземени.

„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето беше времено затворена, а при првично спроведената инспекциска контрола не се утврдени други недоследности. Не се добиени ниту резултатите од спроведените превентивни вонредни инспекциски надзор и во деветте други училишта во општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна“, соопштија од Агенција за храна и ветеринарство.

Во стабилна состојба се четирите ученици, згрижени на Детската клиника. Нови хоспитализирани нема. Со стомачна болка, повраќање, дијареа, околу 30 – тина деца од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ од скопско Влае изминативе денови се пожалија на овие симптоми, дел од нив завршија во болница.

Андријана Ѓурческа