Куманово

Неплатен данок-првин опомени, па блокади на сметките

30.11.2025 16:37

Опомени за неплатен данок на имот, но и за комунални такси добиваат кумановци. Доколку и по нив не се подмири законската обврска, ќе се премине кон блокади на сметките. Досега наплатата за данок се движи од 40 до 50 отсто...

Опомени за неплатен данок на имот добиваат кумановци, како и правните лица. Обврската досега ја исполниле педесет отсто од граѓаните.

Надлежните апелираат да се подмири долгот во предвидениот рок, во спротивно ќе почнат со непопуларната мерка, блокирање на сметките. Генерирани се дури 1.400 решенија за присилна наплата за комунална такса за претходната година. Комуналната такса изнесува 6000 денари.

„Данок на имот за физички и правни лица имаме некаде околу 40 до 50% меѓутоа морам да напоменам дека граѓаните имаат некој тренд на плаќање и тоа секогаш на крајот на годината сметаат дека данокот е годишна обврска и секогаш при крајот на годината го плаќа. Оваа година опомени за данок на имот за физички лица, имаме генерирано 22.873, а опомени на данок на имот за правни лица имаме генерирано 191“-истакна раководителката на Секторот за даноци и такси во Општина Куманово, Фросина Краљевска.

Согласно податоците во Куманово има околу 38.000 даночни обврзници. Граѓаните коишто ги прашавме велат навреме плаќаат.

„Јас кога дојде 20 ти декември завршувам не сакам да имам долг кон државата, граѓаните мора да се придржуваат кон правилата“-вели еден кумановец.

„Се плативме, земеме пензија и платиме колку има за тебе толку“-дополни друга кумановка.

„Секоја година данок на имот подмирувам, да се клучни но некако слабо оваа инфраструктура и многу работи не се решени во Куманово“-нагласи трет граѓанин.

Даноците согласно законот, се бришат по одлука на Советот, за апсолутна застареност по истек на десет години. Плаќањето е клучно за реализација на инфраструктурни проекти.

Елена Георгиевска