Трамп со закани, Мадуро подготвен за војна
Каракас со осуда за изјавата на американскиот претседател Трамп, кој повика воздушниот простор над и околу Венецуела да се смета за „целосно затворен“. Коментарите беа оценети како колонијалистичка закана за суверенитетот на земјата. Според претседателот Мадуро, повеќе од осум милиони граѓани наводно се приклучиле на националниот одбранбен систем по наводите за можна инвазија од САД...

Се продлабочува острата реторика на релација Вашингтон – Каракас. Венецуелските власти со осуда за изјавата на американскиот претседател Трамп, кој повика воздушниот простор над и околу Венецуела да се смета за „целосно затворен“. Владата на Мадуро ги обвини САД за обид за директно кршење на меѓународното право.
„Навистина ја сметам позицијата на американската империја за целосно непочитување, бидејќи таа од ден на ден се обидува да демонстрира моќ што ја нема над венецуелскиот народ, кој е целосно независен и целосно ослободен од американското угнетување“, изјави Хосеин Артуро Буасаб, прв поручник во Венецуела.
Вашингтон пред неколку дена објави дека постои потенцијално опасна ситуација на небото над Венецуела поради влошување на безбедносните услови и зголемена воена активност во или околу земјата. Властите во Јужноамериканската земја ги одзедоа лиценците за работа на шест големи меѓународни авиокомпании, кои ги суспендираа летовите по предупредувањето од Федералната администрација за воздухопловство на САД
„И покрај ситуацијата се чувствувам малку посигурен во оние што не претставуваат, имаме луѓе што не бранат и имаме добро обучен персонал“.
„Денес се разбудивме со воздушен простор за кој владата на САД вели дека авиокомпаниите не можат да транзитираат. Но, мора да продолжиме со нашиот живот, иако тој се урива, она што луѓето го заработуваат не е доволно. Ние не живееме реалност, живееме во агонија и се будиме секој ден без да знаеме што ќе се случи“.
Претседателот Николас Мадуро тврди дека повеќе од осум милиони граѓани наводно се приклучиле на националниот одбранбен систем откако упатија повик до сите мажи да се подготват за можна инвазија од САД.
„Има многу тензии меѓу нас и тие луѓе таму во Карипското Море бродовите на американската морнарица, но се што имам да кажам за тоа е дека не се плашиме од ништо и ќе ја браниме нашата татковина по секоја цена“, изјави Мануел Алехандро Мендоза Торес, поручник.
Тензиите меѓу САД и Венецуела се зголемија откако во август Трамп нареди воено распоредување на Карибите, со цел да ги сузбие наркокартелите и да ги пресече маршрутите за трговија со дрога, за кои администрацијата тврди дека се поврзани со Мадуро. Од септември, беа изведени напади врз бродови низ Карибите и Пацификот, при што загинаа над 80 лица. Мадуро ги отфрла обвинувањата дека раководи со „нарко-држава“ и тврди дека вистинската цел е смена на режимот во Венецуела.
Маријана Димовска
