Политика

Наскоро ќе се пополнат испразнетите ресори во Владата, во Собранието превирања и комбинаторики

30.11.2025 15:42

Владината коалиција од утре треба да се комплетира. Премиерот Мицкоски ги очекува предлозите на ВРЕДИ за пополнување на министерските места. Но, во меѓувреме албанската опозиција се повеќе се ситни. По Села и пратеникот Илир Демири го напушта Ахмети...

Наскоро ќе се пополнат испразнетите ресори во Владата. Во Собранието, пак, превирања и комбинаторики. Собраниското мнозинство останува стабилно, но се намалува бројот на пратеници на опозицијата. Илир Демири од Алијанса за Албанците на Зијадин Села стана независен пратеник по напуштањето на Европскиот фронт предводен од ДУИ. Претходно и Села се откажа од соработка со Ахмети. Ова според експертите нема да го зголеми собраниското мнозинство, но може да влијае на Бадентеровото мнозинство потребно за носење на одредени закони.

Премиерот Мицкоски има лесна задача во понеделник со доставување на новите имиња за испразнетите министерски места во Владата. ВРЕДИ ги задржува истите позиции во владата. До премиерот Мицкоски ќе ги предложи Беким Сали за нов прв вицепремиер и министер во министерство што ќе се утврди, Мухамед Хоџа за министер за животна средина, Башким Бакиу за нов министер за здравство. Во Владата, ЗНАМ и ВРЕДИ ќе задржат ист број на министерски места, оценуваат политичките аналитичари. Според нив, на СДСМ ќе му треба подолг период за политичка стабилизација.

Откако премиерот ќе ги достави персоналните решенија на пленарка треба да ги потврди парламентарното мнозинство.

Собраниската седница за испразнетите министерски места е планирана пред Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на 6-ти декември.

 

Ирина Гелевска