Град Скопје и општините почнаа со подготовките за украсување за Нова година
Влегуваме во последниот месец од 2025-та година. Град Скопје и општините почнаа со подготовките за украсување за Новата година. Во некои локални самоуправи веќе се чувствува предновогодишната атмосфера...

Тринаесетметарската елка ќе светне за десетина дена на плоштадот „Македонија“ во Скопје, а целосното новогодишно украсување градот ќе го чини 70.000 евра. Од Град Скопје велат дека тендерската постапка за избор на компанија која ќе украсува е во тек, рокот е до четврти декември. Критериумите се да има склучено три договори од ваков тип во изминатите три години во износ не помал од 10 милиони денари. По мрачните зими градоначалникот Орце Ѓорќиевски ветува дека Скопје ќе свети како европска метропола.
Во општина Аеродром Зимзоленд и годинава ќе ја раскаже зимската бајка преку концерти, лизгалиште, лунапарк, дрвени куќарки со греено вино, топло чоколадо, мини крофнички. Општина Центар веќе заврши со украсувањето
Градоначалниците велат дека поради локалните избори се пролонгира и распишувањето на тендерите за избор на компании кои ќе украсуваат, но до 15-ти декември сите ќе блеснат во новогодишен сјај.
И Прилеп годинава одвои повеќе пари за украсување за градот, ќе има повеќедневни настани и организиран дочек на Нова Година.
Граѓаните очекуваат час поскоро да се украсат општините каде живеат, бидејќи како што велат расположението најмногу зависи од нас самите, но влијае и новогодишната магија.
Богата предновогодишна културно-забавна програма како за најмладите така и за возрасните најавуваат сите општини.
Александра Велинова
