интеграции

ЕУ: Уставни измени, па отворање на поглавјата

30.11.2025 17:02

На средина на декември Европскиот совет одново ќе ја повика Македонија да ја исполни својата обврска и да ги спроведе уставните измени за да го продолжи процесот на преговори. Ова го покажуваат Нацрт-заклучоците за проширувањето. Бугарија денеска одново потсетува дека потребно е почитување на договорените предуслови. Бугарскиот премиер Жељасков тврди дека Софија нема да менува ништо во однос на преговарачката рамка...

Советот на Европската унија на Самитот до декември уште еднаш ќе ја повика Северна Македонија да ја исполни обврската и да ги направи уставните измени, за да може да продолжи со преговарачкиот процес, покажуваат Нацрт-заклучоците за проширувањето. Во документот се наведува дека Советот ја поздравува посветеноста на земјата на евроинтеграциите и ја „охрабрува да ги интензивира напорите за унапредување на реформите“.

„Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ја спроведе оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“-пишува во Нацрт-заклучокот.

Софија инсистира на почитување на договорените предуслови за Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија. За можноста од дополнителен билатерален протокол меѓу Бугарија и Македонија, кој некако би дал гаранција на Скопје дека нема да има повеќе пречки на европскиот пат, бугарскиот премиер вели дека поголема гаранција од едногласната одлука на Народното собрание не може да има.

Нацрт-заклучоците на Советот се очекува едногласно да бидат усвоени од земјите-членки на Унијата на Самитот на 16 декември во Брисел. Тие се базирани на извештаите на Европската комисија, објавени претходно во ноември за напредокот на земјите-кандидатки.

Милчо Велески