Воен конфликт

Состанок на украински и американски претставници

01.12.2025 08:27

Високите претставници на претседателот Трамп се сретнаа со тим украински преговарачи на Флорида.

Територијата и безбедносните гаранции главна тема на првата рунда преговори меѓу САД и Украина. Високите претставници на претседателот Трамп се сретнаа со тим украински преговарачи на Флорида.

„Сакаме да спречиме убивање на луѓе. Нема многу врска со нас, но би сакал да видам дали можеме да спасиме многу души. Многу луѓе се убиваат. Изминатиот месец, имавме 27.000 убиени во таа смешна војна што никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Разговорите се продолжение на состанокот во Женева, каде што претставниците на Вашингтон, Киев и Брисел го ревидираа оригиналниот предлог за мир од 28 точки, план кој првично бараше обемни отстапки од украинската страна, а во согласност со барањата на Москва.

„Не сакаме само да ја завршиме војната, сакаме и да и помогнеме на Украина да биде безбедна засекогаш. Значи, никогаш повеќе да не се соочат со друга инвазија. Сакаме украинскиот народ да излезе од оваа војна не само за да ја обнови својата земја, туку и да ја изгради на начин што ќе биде посилен и попросперитетен отколку што некогаш бил“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Разговорите доаѓаат во време на голема корупциска афера во Украина од 100 милиони долари. Андриј Јермак, клучен советник на претседателот Зеленски и шеф на преговарачкиот тим поднесе оставка по наводи за поврзаност со случајот. На негово место беше назначен Рустем Умеров, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.

„Нашата цел е просперитетна, силна Украина. Разговаравме за иднината. Разговаравме за сите важни прашања што се важни за Украина, за украинскиот народ и сад беа супер поддржувачки. Работевме, веќе имавме успешен состанок во Женева и го продолживме овој успех. Овој состанок беше продуктивен и успешен“, изјави Рустем Умеров, шеф на преговарачкиот тим на Украина.

Се очекува специјалниот пратеник Виткоф да се сретне подоцна оваа недела во Москва со рускиот претседател Путин.