Продолжуваат разговорите за мир во Украина
Продолжуваат разговорите за мир во Украина. На Флорида одржана првата рунда разговори меѓу американски и украински претставници. Специјалниот пратеник на САД, Виткоф патува во Москва на средба со рускиот претседател Путин. Во Брисел, состанок на министрите за одбрана на ЕУ во рамките на напорите за завршување на војната...

Територијата и безбедносните гаранции главна тема на првата рунда преговори меѓу САД и Украина на Флорида. Разговорите се продолжение на состанокот во Женева, каде што претставниците на Вашингтон, Киев и Брисел го ревидираа оригиналниот предлог за мир од 28 точки, план кој првично бараше обемни отстапки од украинската страна. Специјалниот пратеник Виткоф патува за Москва на средба со рускиот претседател Путин.
„Не сакаме само да ја завршиме војната, сакаме и да и помогнеме на Украина да биде безбедна засекогаш. Значи, никогаш повеќе да не се соочат со друга инвазија. Сакаме украинскиот народ да излезе од оваа војна не само за да ја обнови својата земја, туку и да ја изгради на начин што ќе биде посилен и попросперитетен отколку што некогаш бил“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
„Нашата цел е просперитетна, силна Украина. Разговаравме за иднината. Разговаравме за сите важни прашања што се важни за Украина, за украинскиот народ и САД беа супер поддржувачки. Работевме, веќе имавме успешен состанок во Женева и го продолживме овој успех. Овој состанок беше продуктивен и успешен“, изјави Рустем Умеров, шеф на преговарачкиот тим на Украина.
Разговорите доаѓаат во време на голема корупциска афера во Украина од 100 милиони долари. Андриј Јермак, клучен советник на претседателот Зеленски и шеф на преговарачкиот тим поднесе оставка по наводи за поврзаност со случајот. На негово место беше назначен Рустем Умеров, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана. Претседателот Трамп изјави дека за мировните преговори ситуација со корупција не е од помош, но уверува дека постојат добри шанси да се постигне договор.
„Сакаме да спречиме убивање на луѓе. Нема многу врска со нас, но би сакал да видам дали можеме да спасиме многу души. Многу луѓе се убиваат. Изминатиот месец, имавме 27.000 убиени во таа смешна војна што никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во Брисел, состанок на министрите за одбрана на ЕУ во рамките на напорите за завршување на војната во Украина.
Маријана Димовска
