Србија

Рафинеријата во Панчево уште денес е во фаза на топла циркулација

01.12.2025 16:03

Српскиот претседател објави дека од утре запира со работа „Нафтената индустрија на Србија“ во Панчево. Ги повика граѓаните да останат смирени и најави дека ќе се обиде да има дополнителни разговори со Американците...

Ситуацијата околу Нафтената индустрија на Србија е сè уште неизвесна. Единствената рафинеријата за нафта во Србија во Панчево, уште денес е во фаза на топла циркулација, а утре треба да престане да работи доколку САД не издадат лиценца за работа на НИС.

Рафинеријата премина на овој режим на работа на 25 ноември поради недостаток на сурова нафта за преработка, што е последица на санкциите што ги воведе Министерството за финансии на САД врз НИС-поради мнозинско руско сопствеништво.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека денес ќе се одржи важен состанок за тоа како да се решат проблемите што ќе следат, бидејќи не верува дека Американците ќе се изјаснат дотогаш.

Тој изјави дека, доколку лиценцата од САД не стигне до утре, Србија ќе мора да најде начини да обезбеди нафта и нафтени деривати во наредниот период.

Народната банка на Србија соопшти дека, доколку НИС не добие лиценца за работа ќе ги суспендира платните трансакции, за да не се доведе во прашање стабилноста на финансискиот систем.

Увозот на дериват во Србија е зголемен и пумпите се снабдени со нафтени деривати.

Американските санкции против НИС, се во сила од 9 октомври, а од Москва дојде потврда дека унгарската државна компанија МОЛ е заинтересирана за купување удел во НИС, но и во рускиот Лукоил, кој исто така е погоден од американските санкции.

Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ