РК Загреб ќе се вика Прво плинарско друштво!!!
24-кратниот првак на Хрватска е еден од противниците на нашиот Металург во групата А од Лигата на шампионите...

Хрватскиот ракометен клуб Загреб го менува името и во иднина ќе настапува и ќе дејствува под името Ракометен клуб Прво плинарско друштво, соопшти најтрофејниот хрватски спортски колектив.
РК Загреб потпишал генерален спонзорски договор со хрватската компанија Прво плинарско друштво, којашто се занимава со увоз, продажба, снабдување и со дистрибуција на природен гас. Договорот, меѓу другото, содржи и обврска за менување на официјалното име.
Ракометарите на Загреб досега играа под името Кроација осигурање Загреб, а во минатото се викаше и Бадел 1862 Загреб. Станува збор за европски првак во 1992 и во 1993 и за вицешампион на стариот континент во 1995, 1997, 1998 и во 1999.
24-кратниот првак на Хрватска е еден од противниците на нашиот Металург во групата А од Лигата на шампионите. Македонскиот првак ќе им гостува на „плинарите“ веќе во третото коло на 11 октомври, а ќе ги вгости во Скопје по зимскиот одмор, во февруари.
