Стандард

Пензионери на протест пред Уставниот суд за линеарното зголемување

01.12.2025 16:05

Пензионери од цела држава излегоа на протест пред Уставен, откако судот отвори предмет за законитоста на линеарното зголемување на пензиите. Порачаа дека не треба да се чепка решението, но побараа и к-15, покачување на посмртнината и воведување пензионерска картичка. Од Уставен појаснуваат – конечна одлука не е донесена.

Сакаме линеарното зголемување на пензиите да остане за достоинствена живејачка, порачаа пензионерите од повеќе градови кои дојдоа во Скопје на протест пред Уставниот суд. Нивното барање е да продолжи овој метод на пресметка, која според нив ќе им овозможи подобар стандард.

Протестот доаѓа откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој го регулира линеарното зголемување.

Пензионерите порачаа зошто некои пензионери на следното покачување да земат 700-800 денари, а други по 3-4.000 денари.

Од Уставен посочија дека конечна одлука сè уште не е донесена.

„Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано“, стои ви соопштението од Уставен суд.

Покрај линеарното усогласување, групата пензионери бара и воведување К-15, покачување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари, воведување пензионерска картичка.

Од Фондот за пензиско им порачаа на пензионерите да спијат мирно, оти има пари за навремена исплата на парите.

 

Борис Грујоски