Европски пари за одржлив туризам во Охрид и Крушево
Туристичките бисери во земјава ќе развиваат одржлив и безбеден туризам. Охрид добива брод амбуланта, а Крушево поддршка за развој на туризам. Двата проекти дел од ИПА 3 програмата за прекугранична соработка ќе придонесат за заштита на природните и културните вредности...

Планинската спасителна служба при Црвениот крст во Охрид добива брод амбуланта. Станува збор за современо и опремено пловило кое ќе патролира во водите на езерото и ќе ја зголеми безбедноста на локалното население и големиот број посетители.
Ова е една од активностите во проектите кои денес ги потпишаа министерството за локална самоуправа и општините во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка на земјава и Албанија.
„Програмата е насочена кон два точни приоритети, од кој едниот е заштитата на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот преку јакнење на капацитетите за справување со ризици одговорно управување со природните и ресурси и унапредена заштита на заштитените подрачја“, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
„Овие видови проекти за кои дискутираме денес се оние кои ќе промовираат не само пријателство туку ќе ви помогнат во интеграцијата во Европската унија. Значи, имаме долга историја на соработка преку границите, како што реков, заеднички економски предизвици, заштита на животната средина и социјална инклузија“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас,
Во НП „Галичица“ ќе се воспостават еко патроли, а Крушево и Елбасан ќе развиваат одржлив туризам.
„Исто така, од особено значење се и активностите поврзани со Националниот парк „Галичица“ каде што ќе се воспостават нови еко патролни тимови, кои ќе помогнат во спречување на нелегалните активности, шумски пожари и несреќи“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
„Програмата овозможува пристап до експертиза и партнерства стратешки инвестиции насочени кон туризмот, инфраструктурата и заштитата на животната средина, Зголемување на социјалната кохезија и поттикнување на регионалниот развој“, рече Нико Чонески, градоначалник на Општина Крушево.
Проектите имаат за цел да промовираат одржлив регионален развој, безбедност на заедницата, а вкупната сума е повеќе од 1,6 милиони евра.
Соња Рилковска
