Собрание

Предлогот за нови министри доставен до законодавниот дом

01.12.2025 16:21

Нови имиња во владиниот тим. Премиерот Мицкоски до Собранието го достави предлогот, Беким Сали да биде вицепремиер и да го заземе местото на Орхан Муртезани како министер за европски прашања, а Мухамед Хоџа да биде нов министер за животна средина и просторно планирање. Со ова ќе се пополнат испразнетите места, откако Изет Меџити стана градоначалник. „Вреди“ ги задржува истите ресори…

Владата потврди дека предлогот за нови министри е доставен до законодавниот дом за пополнување на испразнетите места во кабинетот на премиерот Мицкоски. Беким Сали треба да биде вицепремиер и министер за европски прашања, додека Мухамед Хоџа да решава еколошки проблеми во ресорот животна средина. Дупката се појави откако Изет Меџити вицепремиерската и министерска фотелја ја замени со градоначалничката во Чаир. „Вреди“ ги задржува истите ресори како досега.

Беким Сали е актуелен пратеник во Собранието, а претходно беше министер за здравство во Владата на Димитар Ковачевски, додека Мухамед Хоџа е поранешен портпарол во Владата.

Собранието треба да ги потврди мандатите на новите функционери, а по викендов за кога е закажан конгрес на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се очекува да се направи и реконструкција, но, други имиња не се соопштуваат.

Промени има и во опозицијата. Екс-министерот за здравство, Илир Демири го напушти Европскиот фронт, предводен од ДУИ и рече дека ќе делува како независен пратеник. Демири беше дел од Алијансата на Зијадин Села, која минатиот месец одлучи да дејствува самостојно и да го напушти Европскиот фронт.

Анита Димитријевска – Велковска