Поплавите во Облешево сè уште не се санирани
Трет ден од поплавите во село Облешево. Почна пријавувањето на штетите во Општина Чешиново-Облешево. Водата не е за пиење, ќе следи дезинфекција на поплавените објекти. Жителите бараат на време да се чистат одводните канали…

Не е прв пат, со секои врнежи се соочуваме со поплави. Со години апелираме Водостопанство Брегалница да ги одржува одводните канали, но резултатот го гледате – велат жителите на село Облешево.
Од саботата жителите на Облешево немаат исправна вода за пиење, со Црвен Крст се врши достава на питка вода, вели градоначалникот на Чешиново-Облешево. Деновиве ќе се врши дезинфекција на зафатените објекти, а со механизација на „Бехтел и Енка“ ќе се чистат запуштените канали.
Поплавите во кочанско сè уште еден удар за оризопроизводителите. Околу 1600 хектари не се ожнеани, а оние што го собрале родот сега имаат поплава во амбарите.
Облешево е најпогодено со излевањето на Кочанска река, но зафатени се и имоти во селата Чешиново, Чифлик и Уларци.
Славица Величковска
