САД оптимисти за исходот од преговорите
По разговорите на Флорида со украинските преговарачи, претставникот на САД, Виткоф е на средби во Москва.

Белата куќа изрази оптимизам за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина. По разговорите на Флорида со украинските преговарачи, претставникот на САД, Виткоф е на средби во Москва.
„Ова е еден вид шатл-дипломатија што ја видовте од оваа администрација, каде што разговараме рамноправно со двете страни. Ги ставивме точките на хартија, тие точки беа многу преработени. Што се однесува до деталите, ќе им дозволам на преговарачите да преговараат. Се надеваме дека оваа војна конечно може да заврши“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Во Брисел се загрижени дека разговорите меѓу САД и Русија би можеле да завршат со тоа што Украина би морала да направи уште повеќе отстапки и под притисок да ја предаде територијата. Мировниот план на Трамп од 28 точки беше ревидиран по разговорите во Женева меѓу САД, Украина и ЕУ, пред една недела.
„Се плашам дека целиот притисок ќе биде врз послабата страна, бидејќи тоа е полесниот начин да се запре оваа војна, кога Украина ќе се предаде, но тоа не е во ничиј интерес, ниту на Украина, ниту на Европската Унија, ниту за глобалната безбедност. Повелбата на Обединетите нации вели дека не можете да менувате граници со сила“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Руското Министерство за одбрана објави снимка за која тврди дека покажува војници со руско знаме во украинскиот град Покровск. Киев тврди дека борбите и натаму се во тек.
