Ракомет

Сезоната може да почне

04.09.2014 13:17

Несомнено и за двата клуба лигата на шампионите и сезонава ќе биде во преден план, но ривалството, желбата за престиж и минатото ветуваат голем ракометен спектакл...

Стартните победи во СЕХА лигата над Војводина и Татран беа само загревање, од црвено црниот табор финалето на струшкиот турнир го оквалификуваа повеќе како пријателски дуел, па логично претстојниот натпревар од регионалното натпреварување  меѓу големите македонски, балкански, но и европски ривали Вардар и Металург, дефинитивно ќе го означи стартот на новата ракометна сезона и битката за врвот на многу фронтови.

Несомнено и за двата клуба лигата на шампионите и сезонава ќе биде во преден план, но ривалството, желбата за престиж и минатото ветуваат голем ракометен спектакл:

„Натпреварот против Металург секако дека е важен за нас бидејќи ние сме шампиони на Сеха лигата, сакаме да ја одбраниме титулата но и низ регионалните натпревари добро да се подготвиме за лигата на шампионите. За да биде така треба да победуваме против екипи како Металург“-изјави тренерот на Вардар РАул Гонзалес на денешната прес-конференција.

За тренерот на вардарци секој натпревар е добредојден за неопходното воигрување на екипата особено со доаѓањето на неколкуте засилувања, а за капитенот Филип Лазаров нема дилеми:

„На домашен терен можеме да се прогласиме за фаворити на секој натпревар и против сите екипи.Почеток е на сезоната , се подготвуваме за старт и во лигата на шампионите и добро е да видиме до каде сме“.

Ако се изземе струшкиот, првиот од неколкуте голему дуели меѓу Вардар и Металург кои покрај во Сеха меѓусебе ќе играат и во домашното првенство, веројатно и во купот,а се надеваме и во завршната фаза од лигата на шампионите е в сабота во спортско рекреативниот центар Кале во Скопје . Ќе почне во 20 часот и 15 минути, а неколку минути порано и преносот на првиот програмски сервос на МРТ.