Клучни разговори за мир во Украина
Администрацијата на Трамп е оптимист дека мировните разговори ќе дадат резултат. Шатл-дипломатијата на САД продолжува денеска со средби во Москва. Европската унија загрижена дека Украина под притисок ќе мора да отстапи територии. Зеленски дециден, Русија ја почна војната и Русија мора да ја заврши...

Белата куќа изрази оптимизам за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина. По разговорите на Флорида со украинските преговарачи, специјалниот пратеник Виткоф, и зетот на Трамп, Кушнер, се на средби во Москва со шефот на Кремљ.
„Ова е еден вид шатл-дипломатија што ја видовте од оваа администрација, каде што разговараме рамноправно со двете страни. Ги ставивме точките на хартија, тие точки беа многу преработени. Што се однесува до деталите, ќе им дозволам на преговарачите да преговараат. Се надеваме дека оваа војна конечно може да заврши“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Во Брисел се загрижени дека разговорите меѓу САД и Русија би можеле да завршат со тоа што Украина би морала да направи уште повеќе отстапки и под притисок да ја предаде територијата. Претходно Москва неколку пати повтори дека воената операција ќе запре кога украинските сили ќе се повлечат од Донбас. Мировниот план на Трамп од 28 точки беше ревидиран по разговорите во Женева меѓу САД, Украина и ЕУ, пред една недела.
„Се плашам дека целиот притисок ќе биде врз послабата страна, бидејќи тоа е полесниот начин да се запре оваа војна, кога Украина ќе се предаде, но тоа не е во ничиј интерес, ниту на Украина, ниту на Европската Унија, ниту за глобалната безбедност. Повелбата на Обединетите нации вели дека не можете да менувате граници со сила“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Русија мора да ја заврши војната што ја започна, изјави украинскиот претседател по средбата со францускиот колега. Денеска Зеленски е на средби во Даблин. Ова е прва негова официјална посета на Ирска, каде што сè уште се наоѓаат 80.000 Украинци кои побараа статус на бегалци од почетокот на војната.
„Приоритетите на Украина се јасни. Прво и најважно, гаранции за заштита и безбедност, гаранции за зачувување на независноста на Украина, зачувување на нашиот суверенитет. Ние ќе го браниме ова. Работиме на тоа да осигуриме дека трета руска инвазија дефинитивно нема да се случи и дека нема да има нарушување на договорите за завршување на војната“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руското Министерство за одбрана објави снимка за која тврди дека покажува војници со руско знаме во украинскиот град Покровск. Киев тврди дека борбите и натаму се во тек.
Маријана Димовска
