По протестите во Софија, повлечен предлог-буџетот за 2026
Синоќешните протести во Софија против предлогот за државната каса за в година завршија со судири со полицијата. Маскирани демонстранти се судрија со чуварите на редот и ги нарушија јавниот ред и мир, оштетувајќи полициски возила и јавни површини.

По притисокот од јавноста, Советот на министри во Бугарија ги повлече нацрт-предлозите за буџетот за 2026 година. Синоќешните протести во Софија против предлогот за државната каса за в година завршија со судири со полицијата. Маскирани демонстранти се судрија со чуварите на редот и ги нарушија јавниот ред и мир, оштетувајќи полициски возила и јавни површини. Повредени се полицајци и десетина граѓани.
„Целиот центар е покриен со надзорни камери, очекуваме да ги откриеме сторителите. Во текот на денешниот ден ќе ги процениме штетите“, велат од полицијата.
Демонстрациите ескалираа кога мали групи се упатија кон седиштата на главните владејачки партии во Софија. Слични демонстрации се одржаа и во други градови со слогани, „Генерацијата Z доаѓа“ и „Млада Бугарија без мафијата“.
„Протестот не требаше да стигне до ова, требаше да биде мирен. Луѓето што го прават ова не се дел од мирниот протест. Сакаме да кажеме дека во овој момент целиот систем треба да се промени, повеќе не станува збор само за буџетот.“
„Имаше многу провокации од демонстрантите, но поголемиот дел од нив доаѓаа од полицијата.“
Организаторите велат дека презеле чекори за да спречат тензии и провокации. Опозициската коалиција „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ децидна, плановите на владата не смее да се остварат.
„Ако владата и мнозинството одлучат да не го повлечат овој буџет, тие повеќе немаат право да владеат со Бугарија“, изјави Асен Василев, претседател на „Продолжуваме со промените“.
Претседателот Радев изјави дека протестот не бил судир меѓу полицијата и демонстрантите, туку провокација од мафијата.
„Насилството мора да престане. Ги повикувам сите да се придржуваат до законот. Провокациите не го менуваат фактот. Бугарите и рекоа не на оваа влада. Има само еден излез-оставка и предвремени избори“, нагласи Радев.
Владината коалиција со став, свесни се за барањето на граѓаните, но велат дека носењето буџет не подлежи на координации и комбинации и ништо не е конечно додека не се усвои.
„Опозицијата има право да организира протести и не можеме да се лутиме ако демонстрираат, но очекувавме протестите да бидат мирни и да не ескалираат“, изјави Румен Хрисов, заменик-претседател на ПГ на ГЕРБ-СДС.
Бугарија од први јануари влегува во еврозоната. Околу половина од граѓаните на Бугарија се против еврото како валута. Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард предупреди дека инфлацијата може да се зголеми откако Бугарија ќе се приклучи на еврозоната.
Маријана Димовска
