Државно АД за водостопанство за поголеми инвестиции во земјоделството
Седиштето на акционерското друштво ќе биде во Скопје, а постоечките 12 водостопански претпријатија ќе станат негови подружници...

Ново акционерско друштво во државна сопственост „Водостопанство на Република Македонија“ ќе се формира со цел успешно да се реализираат најавените инвестиции во водостопанството и да се обезбедат подобри услуги за земјоделците.
Одлуката е донесена на минатата владина седница, а новото водостопанско претпријатие ќе ја извршува работата што ја имаат водостопанските претпријатија.
„Целта е со формирањето на акционерското друштво сериозно да се подобри степенот на давање услуги кон земјоделците и да се обезбеди стручен кадар којшто ќе ги реализира инвестициските циклуси“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.
Седиштето на акционерското друштво ќе биде во Скопје, а постоечките 12 водостопански претпријатија ќе станат негови подружници. Во оние места каде што нема вакви претпријатија или каде што водостопанските друштва покажуваат послаби резултати можно е да бидат формирани нови претпријатија.
Одлуката, како што појасни Ѓорѓиев, е донесена по направени опсежни анализи и истражувања во изминатиот период.
