Ставрески: Со рабалансот на буџетот повеќе пари за изградба на автопати
Со ребалансот на буџетот е предвидено интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, особено на Коридорот 10 и задржување на фискалната дисциплина и поддршката на економијата.

Во Собранието се разгледува ребалансот на буџетот за годинава. Станува збор за мини корекција на државната каса со која се опфатени две позиции, односно се додаваат средства на фондот на пензиско и инвалидско осигурување во износ од 1,34 милијарди денари.
Со ребалансот на буџетот е предвидено интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, особено на Коридорот 10 и задржување на фискалната дисциплина и поддршката на економијата.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, образложувајќи го дополнетиот предлог ребаланс, рече дека се прави со цел усогласување на динамиката на реализација на расходите особено во делот на инфраструктурните проекти со динамиката на приходи.
Најголемата промена што се прави на расходната страна, како што истакна, е обезбедување дополнителни средства од 1,42 милијарди денари за иградба на Коридорот 10, односно автопатот Демир Капија-Смоквица кој се одива со поинтензивна динамика од предвидувањата и е планирано да заврши до август 2016 година.
Додавањето средства во оваа ставка предизвикува и зголемување на буџетски дефицит кој се позиционира на 3,9 проценти.
Дополнителни средства се префрлаат и во министерството за образование и наука во износ од 430 милиони денари потребни за опремување на лабораториите. Според првиот финансиер, други позначајни промени нема и дека другите позиции остануваат во рамките на проектираното.
