„Безбеден град“

110.000 прекршоци за едно деноноќие регистрираше системот „Безбеден град“

02.12.2025 16:30

Само во Скопје евидентирани 110 илјади прекршоци за 24 часа од активирањето на системот „Безбеден град“. До крајот на годината за несовесните возачи само опомени, од 1-ви јануари казни. Министерот Тошковски рече дека во следниот период ќе се одлучи колкава ќе биде толеранцијата на надминување на брзината...

Апсолутна поддршка за воспоставувањето на системот безбеден град и негово проширување низ цела Македонија, изрази македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Вели, бројот на жртвите во сообраќајни несреќи во земјава е алармантен.

Македонија се наоѓа при врвот на светската листа на жртви од сообраќајни несреќи со смртен исход. Годинава, во сообраќајни несреќи загинале 145 лица. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на Националната конференција за безбедност во сообраќајот.

Граѓаните со кои поразговаравме, задоволни, велат, крајно време беше да се воспостави овој систем, за да се спречат сообраќајните трагедии.

Сообраќајот во Скопје е голем предизвик за чие надминување треба да се ангажираат и сите учесници, но и надлежните служби и институции, смета скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.

Надлежните најавуваат изградба на безбедна патна инфраструктура и поставување соодветна сигнализација, со цел бројот на жртвите да се намали за најмалку 50 проценти до 2030-та година, со тенденција да се стигне и до 0 жртви.

Во првите 24 часа, камерите на „Безбеден град“ регистрирале дури 110.000 прекршоци, од кои околу 5.000 биле за непочитување на црвеното светло на семафорите.

Марија Котовска