Кривичен суд

Ново рочиште за случајот „Пулс“, ниту еден од обвинетите не призна вина

02.12.2025 17:06

Ново рочиште за случајот „Пулс“. Ниту еден од обвинетите не призна вина. Сочувствуваат со болката на родителите кои загубија деца, им посакуваат брзо закрепнување на оние кои добија телесни повреди. Воведни зборови дадоа и нивните адвокати...

Да сум знаел дека нешто и фали на дискотеката, зарем мислите немаше да ги отстранам недоследностите, рече во воведен говор газдата на „Пулс“, Дејан Јованов. Изрази сочувство до семејствата и посочи оти и самиот изгубил блиски луѓе.

Јованов, но и останатите 37-мина кои седат на обвинителната клупа не прифаќаат одговорност за несреќата – жалат за тоа што се случило, но не чувствуваат вина. Синот на Дејан, Михаил Јованов според одбраната во клубот стигнал во 2 часот наутро, а исто како и неговиот татко, не знаел дека бендот ќе користи пиротехника.

Одбраната не негира дека во „Пулс“ се користела пиротехника, но како што велат, со знаење на газдата кој ангажирал стручно лице за да направи безбедносна проценка.

Реалниот сопственик на објектот Гроздан Милковски, тврди дека не ни знаел за што ќе се користи просторот што на Јованов му го дал под закуп, ниту дал согласност за адаптација на просторот. Обвинетата архитектката пак тврди дека била ангажирана само за дел од проектот, но и тој бил само за домашна употреба.

Одбраната на братот на газдата, не спори дека Тодор Јованов продавал билети, но тврди дека немал обврска да легитимира и контролира кој влегува во клубот, па оттука сметаат дека не треба да биде обвинет.

 

Анита Димитријевска – Велковска