Економија

Дурмиши учествуваше на панел-дискусија за странски инвестиции во Берлин

02.12.2025 20:55

Настанот беше организиран од Германско – македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија...

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско – македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.

„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој“, истакна министерот Дурмиши.