свет

Продолжуваат тензиите меѓу Вашингтон и Караказ

03.12.2025 10:14

Трамп истакна дека американската војска ќе напаѓа цели на копно, вклучувајќи ја Венецуела и други земји, во напорите за борба против трговијата со наркотици...

Претседателот на САД, го одржа својот последен состанок на кабинетот за оваа година. Меѓу другото, се осврна на нападот врз брод на почетокот на септември за кој се тврди дека носел дрога во Карипското Море. Трамп истакна дека американската војска ќе напаѓа цели на копно, вклучувајќи ја Венецуела и други земји, во напорите за борба против трговијата со наркотици. Американскиот секретар за војна, Хегсет, изјави дека ова е само почеток на нападите врз трговците со дрога и нарко-терористите, нагласувајќи дека тие ќе бидат ставени на дното на океанот.

„Ќе објаснам. Ако пристигнат преку одредена земја, или ако мислиме дека градат фабрики за производство на фентанил или кокаин, слушнав дека Колумбија произведува кокаин. Имаат погони за производство на кокаин, во ред? И потоа ни го продаваат својот кокаин. Ние многу го цениме тоа. Но да, секој што го прави тоа и го продава во нашата земја е предмет на напад. Значи, не мора само Венецуела?“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп, исто така, рече дека не сака сомалиски имигранти во САД, бидејќи жителите на источноафриканската земја, се премногу зависни од мрежата за социјална сигурност на САД. Коментарите следуваат неколку дена откако Трамп објави дека ги запира сите одлуки за азил по нападот врз двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон.