Фестивал на европски филм

Почнува „Синедејс“, на репертоар над 60 европски остварувања

03.12.2025 11:01

Годинашното издание е посветено на Дејвид Линч и, како што вели програмската координаторка Маргарита Арсова, фестивалот нуди „надреално и контрастно филмско патување“ со најнови и наградувани европски филмови.

Под слоганот „Се гледаме од другата страна“, од денес до 10 декември ќе се одржи 24-тото издание на „Синедејс“ со над 60 филмови распоредени во осум селекции и специјална филмска работилница „Маркетинг на филм“.

Годинашното издание е посветено на Дејвид Линч и, како што вели програмската координаторка Маргарита Арсова, фестивалот нуди „надреално и контрастно филмско патување“ со најнови и наградувани европски филмови.

Фестивалот ќе се отвори со „Тоа беше само несреќа“ на Џафар Панахи и документарецот „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, посветен на легендарниот музичар Драгољуб Ѓуриќиќ. Во програмата се и „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, „Татко Мајка Сестра Брат“ на Џим Џармуш, како и повеќе регионални копродукции со македонско учество – „Оче наш“, „Ера“ и „Павиљон“. Ќе бидат прикажани и филмови на Сорентино и Парк Чан-Вок, а Македокс ќе учествува со сопствена селекција на наградени филмови.

Програмата е кураторирана од Бернд Будер и вклучува Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција посветена на Линч и избор на Македокс. Жири-комисиите се составени од филмски професионалци од регионот.

Во рамките на фестивалот, на 4 и 5 декември, МКЦ ќе одржи две СинеМјузик вечери со настапи на десетина млади европски бендови, со бесплатен влез.

Проекциите ќе се одвиваат во МКЦ – киното „Фросина“ и Дансинг салата „25 Мај“. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и мрежата Лајвјуроп.