Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау...

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, денеска во Брисел учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, на кој главни теми ќе бидат имплементацијата на одлуките од Самитот во Хаг, безбедносните предизвици со кои се соочува НАТО, мерките за зајакнување на способноста за одвраќање и одбрана, поддршката за Украина и подготовките за следната средба на врвот на Пактот во јули 2026 година во Анкара.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
