Украина

Вашингтон и Москва без решение за војната во Украина

03.12.2025 09:38

Преговорите во Москва меѓу претставниците на Трамп и рускиот претседател Путин без значителен напредок. Од Кремљ велат има уште многу работа. Доколку страните решат дека не сакаат да ја завршат војната, тогаш таа ќе продолжи, став на државниот секретар на САД, Рубио поддршката за Украина и зајакнувањето на одбранбените капацитети на Алијансата, теми на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

Петчасовните разговори во Москва меѓу претставниците на САД и рускиот претседател Путин за мировниот предлог на Трамп за Украина завршија без резултат. Од Кремљ велат дека останува уште многу работа. Конкретно биле дискутирани територијалните прашања, без кои руската страна не гледа крај за кризата. Камен на сопнување останува судбината на делови од Донбас, стремежите на Украина кон НАТО и можно ограничување на украинските вооружени сили.

„Досега не е пронајден компромис. Некои од американските предлози изгледаат повеќе или помалку прифатливи, но треба да се дискутираат. Некои од формулациите што ни беа предложени не ни одговараат. Значи, работата ќе продолжи“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на Кремљ.

Средбата се одржа неколку дена откако претставници на САД разговараа со украинскиот тим на Флорида. Американскиот државен секретар вели дека крајот на војната ќе зависи од Киев и Москва, а доколку страните решат дека не сакаат да ја завршат војната, тогаш таа ќе продолжи.

„Само Путин може да ја заврши оваа војна. Ќе се обидеме да ги зближиме двете страни и да видиме какви предлози би можеле да изнесеме со кои двете страни би можеле да се согласат. Ќе направиме се што можеме за да функционира. Тоа го правиме веќе десет месеци. Мислам дека постигнавме одреден напредок. Се приближивме, но сè уште не сме доволно блиску“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Украина стравува дека некои од условите на предлогот би можеле да ја остават земјата ранлива на евентуална окупација од страна на Русија, иако Соединетите Американски Држави предложија и десетгодишна безбедносна гаранција за Киев.

„Важно е сето ова да биде отворено, фер и праведно. За да нема работа зад грбот на Украина. Ништо нема да се одлучи без Украина, за Украина, за нашата иднина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Поддршката за Украина, како и тековните напори за зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата, теми на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

„Мора да се осигураме дека кога војната ќе заврши Украина мора да биде во најсилната можна позиција. Имаше успешен состанок во Женева, на Мајами меѓу американскиот и украинскиот тим, и секако синоќа имаше срдба во Москва и нема да го коментирам исходот, но се надеваме дека ќе донесе резултати. Мора да ја увериме Русија дека поддршката за Украина продолжува и тоа се случува денес“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Планот на САД, првично составен од 28 точки, беше ревидиран во Женева меѓу Вашингтон, Киев и Брисел, првенствено фокусирајќи се на дефинирање на границата како дел од потенцијален прекин на огнот. Путин ги обвини Европејците дека ги саботираат мировните напори во Украина со неприфатливи барања.

 

Маријана Димовска