Култура

„Танец“ со годишен концерт „Ритамот на душата, бојата на традицијата“ во МОБ

03.12.2025 11:37

Публиката ќе има можност да ужива во богатата ризница на македонскиот фолклор низ мајсторски изведби на антологиски ора и песни, раскошни народни носии од сите краишта на земјата и внимателно осмислени кореографии кои ја спојуваат традицијата со современиот сценски израз.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ја најавува кулминацијата на својата концертна сезона – Годишниот концерт под мотото „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, кој ќе се одржи на 20 декември 2025 година (сабота) во Националната опера и балет, со почеток во 19:30 часот.

Публиката ќе има можност да ужива во богатата ризница на македонскиот фолклор низ мајсторски изведби на антологиски ора и песни, раскошни народни носии од сите краишта на земјата и внимателно осмислени кореографии кои ја спојуваат традицијата со современиот сценски израз.

Ансамблот и овој пат на сцената ќе ги претстави своите врвни играорци, пејачи и музичари, кои достоинствено го носат македонскиот идентитет ширум светот.

Организаторите упатуваат покана до сите љубители на народната уметност да бидат дел од овој традиционален музичко-танцов празник.

Билетите се веќе пуштени во продажба преку kupikarta.com.