Македонија

Сиљановска-Давкова: Време е за наше очовечување преку градење инклузивно македонско општество

03.12.2025 11:52

Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.

Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничката должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.

Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.

За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите“, потенцираше таа.

На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта кон езерото во инспирација за сите негови врсници.

„Ability Awards“ е единствената регионална иницијатива којашто го слави успехот, достоинството и талентот на лицата со попреченост, како и придонесот на инклузивните компании во создавањето на поправедно и одржливо општество. Годинава овој настан прерасна во движење што создава системски промени и ја обединува заедницата, проследено со 8 тематски работилници и 6 видеа за подигнување на јавната свест.