Соработка

Потпишан Меморандум за разбирање меѓу македонската и српската влада

03.12.2025 15:21

Меморандумот претставува значаен чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти.

Денеска, непосредно пред официјалниот старт на македонско–српскиот бизнис форум во Скопје, во Владата на Република Северна Македонија беше потпишан Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија. Документот го потпишаа потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ.

Меморандумот претставува значаен чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти. Со документот се опфаќа унапредувањето на комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, размената на информации и добри практики, координацијата на економските политики, поддршката за деловните субјекти и создавањето услови за посилен заеднички настап на регионалните и трети пазари. Посебен акцент е ставен и на унапредувањето на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, вклучително и соработката на проекти од заеднички интерес како што е развојот и модернизацијата на железничката и патната инфраструктура.

Со денешното потпишување, Меморандумот кој веднаш стапува во сила и останува важечки пет години, ја потврдува јасната политичка волја и заедничката определба на двете влади за интензивирање на економската соработка и отворање нови можности за бизнис-заедниците.

Денешниот македонско–српски бизнис форум ја заокружува оваа заедничка иницијатива, обединувајќи ги водечките компании, институции и инвеститори од земјава и Србија. Форумот се очекува да отвори нови партнерства, да засили деловни контакти и да овозможи брза операционализација на приоритетите предвидени со Меморандумот, придонесувајќи за уште поинтензивен економски развој и соработка меѓу двете држави.