Рубио: Доколку страните решат дека не сакаат да ја завршат војната, тогаш таа ќе продолжи
Преговорите во Москва меѓу претставниците на Трамп и рускиот претседател Путин без значителен напредок. Од Кремљ велат има уште многу работа. Доколку страните решат дека не сакаат да ја завршат војната, тогаш таа ќе продолжи, став на државниот секретар на САД, Рубио. Поддршката за Украина и одбранбените капацитети на Алијансата, теми на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел …

Петчасовните разговори во Москва меѓу претставниците на САД и рускиот претседател Путин за мировниот предлог на Трамп за Украина завршија без конкретен напредок. Од Кремљ велат дека останува уште многу работа. Камен на сопнување, судбината на делови од Донбас, стремежите на Украина кон НАТО и можното ограничување на украинските вооружени сили.
„Факт е дека вчера за прв пат се одржа директна размена на мислења. И нешто беше прифатено, нешто беше означено како неприфатливо. Ова е нормален работен тек и потрага по компромис“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Доколку Киев и Москва решат дека не сакаат да ја завршат војната, тогаш таа ќе продолжи, став на американскиот државен секретар.
„Само Путин може да ја заврши оваа војна. Ќе се обидеме да ги зближиме двете страни и да видиме какви предлози би можеле да изнесеме со кои двете страни би можеле да се согласат“, нагласи Марко Рубио, државен секретар на САД.
Поддршката за Украина, како и тековните напори за зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата, теми на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„Мора да се осигураме дека кога војната ќе заврши Украина мора да биде во најсилната можна позиција. Имаше успешен состанок во Женева, на Мајами меѓу американскиот и украинскиот тим, и секако синоќа имаше срдба во Москва и нема да го коментирам исходот, но се надеваме дека ќе донесе резултати“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Рускиот претседател Путин ги обвини Европејците дека ги саботираат мировните напори во Украина со неприфатливи барања. Во време кога ЕУ сè уште и плаќа на Русија 1,5 милијарди евра месечно за увоз на фосилни горива, Брисел постигна договор за забрана на целиот увоз на руски гас до есен 2027 година.
„Синоќа постигнавме привремен договор за предлогот на Комисијата за целосно укинување на руските фосилни горива. Ја свртуваме таа страница засекогаш. Ова е нова ера на целосна енергетска независност на Европа од Русија“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
По почетокот на војната, лидерите на ЕУ се согласија на самитот во Версај во 2022 година што е можно поскоро постепено да ја укинат зависноста од руските фосилни горива.
Маријана Димовска
