Австралија воведува старосна граница за користење на социјалните мрежи
Во Австралија се гаснат сите социјални медиуми за деца под 16 години. И Данска објави договор за забрана на пристап до социјалните медиуми за лица под 15 години. Европскиот парламент пред одлука-дали ќе го ограничи пристапот за младите...

Австралија следната недела ќе воведе старосна граница од 16 години за користење на социјалните мрежи. Платформите ќе се соочат со казни од 33 милиони долари од 10-ти декември ако не преземат чекори за отстранување на профилите на децата помлади од 16 години.
„За една недела, Австралија ќе стане првата земја во светот што ќе им забрани на лицата под 16 години да имаат сметки на социјалните мрежи. Тинејџерите ќе бидат вознемирени. Некои ќе се борат да се вратат на мрежата. Некои ќе успеат да се снајдат во технологијата и да ги задржат, но навистина верувам дека краткорочната непријатност ќе вреди за долгорочните придобивки“, Аника Велс, министерка за комуникации на Австралија.
Потегот на Австралија внимателно го следат земјите загрижени за влијанието на социјалните медиуми врз децата. Данска објави договор за забрана на пристап до социјалните медиуми за лица под 15 години, кој ќе има за цел да го зголеми притисокот врз големите технолошки платформи.
„Во Данска, 94 проценти од децата кои сè уште не наполниле 13 години и над 50 проценти од децата кои не наполниле 10 години имаат профил на платформа на социјалните медиуми. Тоа е најверојатен показател. Времето што го поминуваат онлајн, содржините насилство се едноставно преголеми ризици за нашите деца да продолжат така“, Каролин Стејџ Олсен, министерка за дигитализација на Данска.
Европскиот парламент, исто така, повика на хармонизирана возрасна граница во еу за влез на социјалните медиуми. Пратениците во Стразбур со големо мнозинство усвоија необврзувачка резолуција за возрасни ограничувања, со која се повикува европската комисија да го ограничи неограничениот пристап до интернет за децата.
„Сметаме дека малолетниците треба да бидат заштитени многу повеќе на интернет отколку што се денес. Повикуваме на хармонизирана возрасна граница во еу за влез на социјалните медиуми. Треба да имате 16 години, освен доколку вашите родители не дадат согласност, тогаш имате право да бидете таму од 13 години“, изјави Кристел Шалдемозе, известувач за извештајот „Заштита на малолетници на интернет“.
По австралиската, и малезиската влада соопшти дека ќе воведе минимална старосна граница за пристап до социјалните мрежи од 2026-та година. Овој пример планираат да го следат Франција, Грција, Романија, Нов Зеланд и Индонезија.
Катерина Бојаџиева
