Интеграции

Димитровски: ЦЕФТА е практична подготовка за членство во ЕУ

03.12.2025 19:38

Димитровски потсети дека од декември минатата година Министерството ја презеде и надлежноста за надворешната трговија, што е дел од пошироката стратегија за јакнење на економската дипломатија и подобар настап на странските пазари.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025 во Приштина, посветена на конкурентноста, дигиталната трансформација и поблиската интеграција на регионот со ЕУ.

Димитровски потсети дека од декември минатата година Министерството ја презеде и надлежноста за надворешната трговија, што е дел од пошироката стратегија за јакнење на економската дипломатија и подобар настап на странските пазари. Активностите во рамките на ЦЕФТА, како што нагласи, се важен дел од создавањето подобра деловна клима и посилна позиција на државата во регионот и Европа.

Тој го истакна претседавањето на Северна Македонија со два клучни органи во ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки – при што биле постигнати значајни резултати: поедноставени процедури за стопанството, нови дигитални алатки, ефикасно следење на трговските бариери и унапредено меѓусебно признавање на професионални стандарди.

Според него, модернизацијата и дигитализацијата во рамките на ЦЕФТА го доближуваат целиот регион до европските правила.

„ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија“, рече Димитровски.

На состанокот беше потенцирано дека развојот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 е клучен за регионот, а ЦЕФТА станува сè поефикасен и поконкурентен систем. Димитровски изрази надеж дека до 2030 година ЦЕФТА природно ќе ја исполни својата мисија, со интеграцијата на Западен Балкан и Молдавија во ЕУ.

На маргините на настанот, заменик-министерот оствари повеќе средби со претставници од земјите-членки, на кои се разговараше за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот.