НАТО- самит со многу жешки точки

04.09.2014 15:10

Алијансата на овој самит нема друга опција освен да повлече потези со кои одлучно ќе одговори на предизвиците. Се случува во период на крајна напнатост со Русија поради кризата во Украина и растечки исламски радикализам...

Во моментов привршува сесијата на која ќе има заклучоци за идниот ангажман на НАТО во Авганистан. Со ова и официјално почна дводневниот собир овде во Велс. Попладне на дневен ред е Украина. Нов статус во односите со Алијансата треба да добијат Грузија, Австралија, Јордан, Шведска и Финска.  Властите во Тбилиси најавија и дека ќе бараат покана за членство. Но, веќе од порано е познато дека проширувањето нема да биде на дневен ред.

Македонија и на овој самит ќе биде во улога на земја кандидат која ги исполни критериумите за влез и ќе добие покана штом се затвори проблемот со Грција. Ја претставуваат шефот на дипломатијата Никола Попоски и Министерот за одбрана Зоран Јолевски. Се очекува да истакнат дека самитот во Велс е можност да се демонстрира взаемна солидарност помеѓу земјите членки и кандидатите за членство. И да повторат дека земјава заслужува да застане под чадорот.

НАТО, на овој самит нема друга опција освен да повлече потези со кои одлучно ќе одговори на предизвиците. Се случува во период на крајна напнатост со Русија поради кризата во Украина и растечки исламски радикализам.

Американскиот претседател Обама и британскиот премиер Камерон во заедничка статија објавена во Тајмс  напишаа дека мора да се искористи воената сила за да се обезбеди присуство како порака до Русија дека Алијансата ќе дејствува во самоодбрана. Генералниот секретар Расмусен,  пред заминување од функцијата рече дека собирот е клучен зашто според него доаѓа во време на променет свет.

„Ги гледаме најголемите кризи од крајот на Студената Војна кои се појавуваат во исто време на различни места на нашата периферија. Клима на хаос зад нашите граници што може директно да се одрази кај нас дома. Од криминални режими и насилни екстремисти до сајбер напади. Поради сето ова самитот во Велс е критичен самит“, рече Расмусен.

Самитот во Велс денеска и утре го обезбедуваат десетина илјади полицајци. Освен 28-те членки кои се претставени на највисоко ниво, овде се и претседатели, премиери или министри на 60-те земји партнери на Алијансата.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Кардиф за МРТ