Правосудство

Судски совет подготвува буџет, се бараат 300 судии

03.12.2025 16:20

Судски совет ги подготвува документите за буџетот кој им е потребен за идната година. По изјавите на премиерот Мицкоски дека треба да направат стратегија и да ја поднесат до Владата, Судскиот совет се охрабри и меѓу другите барања ќе поднесе за нови вработувања на 300 судии низ целата држава.

Барање за 300 вработувања ќе испорача Судскиот совет до Министерството за финансии за да се пополнат испразнетите места и да можат судовите низ земјава да функционираат и да делат правда.

За ова информираше првиот човек на советот, Александар Камбовски, откако премиерот Мицкоски ги повика Судскиот и Советот на обвинители да достават списоци и да наведат кои се нивните потреби.

Во финансиската конструкција ќе треба да ги стават и парите за унапредување, реновирање на судовите и новата опрема.

Владата и советот во расчекор и за платите на судиите. Камбовски вели, судија во прва инстанца е платен 86 илјади денари, а во Врховен 105 илјади. Највисоката плата лани изнесувала 139 илјади денари. Од ресорот правда одговараат дека платите не се ниски, со оглед на стандардот и ниската доверба во судството.

Сепак, од правда порачуваат дека постојат законски инструменти за судскиот совет да приговара ако не е задоволен од одобрениот буџет, но додаваат дека досега ниту еднаш Советот официјално не се пожалил дека им се одобрени малку пари.

 

Анита Димитријевска - Велковска